„КОТУР КАФЕ“ СЛАВИ ЕДНА ГОДИНА СО ФЕСТИВАЛ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМСКИ РЕЖИСЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во чест на една година постоење, „Кафе и филм Котур“ од 2 до 11 октомври го организира фестивалот на филм и музика Ѕирни.

„Ќе има девет дена исполнeти со проекции на филмови, гостувања на режисери, концерти, музичка селекција и изложба на филмски постери. Ќе ви претставиме што е тоа што го правевме оваа година и во кој правец сакаме да продолжиме да работиме. Ѕирни тука, блиску до тебе, не барај далеку, квалитетот е универзален. Ѕирни, ќе ти се допадне“, најавува кафулето.

Програмата стартува од среда во 19.30 часот со промоцијата на графичкиот роман „Легендите на Тур де Франс“ од холандскиот автор Јан Клејне, во издание на „Бункер“. В четврток од 20 часот ќе има проекција на филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, како и разговор со него.

Во наредните денови ќе бидат прикажани „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески и „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски. Фестивалот ќе заврши на 11 октомври со концерт на „Д Планктонс“.