Филхармонијата од денеска до 6 октомври е на својата прва турнеја во Израел, каде што ќе се претстави со три концерти во Ерусалим, Ришон Ле Цион и Од Хашарон. Во Ерусалим ќе настапи во познатата сала „Хенри Краун“, која е матична сцена на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, а во Ришон Ле Цион, кој се наоѓа во близина на Тел Авив, во матичната сала на Израелскиот симфонски оркестар.
„Меѓународните претставувања отсекогаш биле важен сегмент на нашата институција, која годинава слави 75 години од основањето. Тие се важен сегмент од растот и развојот на нашиот оркестар кој секогаш на достоен начин ја претставувал нашата земја ширум светот“, вели Виктор Илиески, директор на Филхармонијата.
Концертите ќе ги води маестро Јерухам Шаровски, а како солистка ќе настапи виртуозната израелска виолончелистка Даниеле Акта. Пред публиката во Израел, оркестарот ќе се претстави со два различни програмски концепта.
„На програмата се ‘Тешкото’ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр. 9 ‘Од новиот свет’ од Антонин Дворжак и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар. На концертот на отворено во Од Хашарон, оркестарот ќе ги изведе Увертирата ‘1812’ од Чајковски, ‘Руслан и Људмила’ од Глинка и ‘Кол Нидреи’ за виолончело и оркестар од Брух“, вели продуцентката Роза Нолчева.