СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ПАПАТА ФРАЊО НЕМА ДА СЕ НАЛУТИ ЗА ФИЛМОТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ НА „ДВАЈЦАТА ПАПИ“

Лондон, (Ројтерс)

„Двајцата папи“ е нов филм на „Нетфликс“ со легендарните британски актери Ентони Хопкинс и Џонатан Прајс, кој имаше премиера на Лондонскиот филмски фестивал.

Режисерот Фернандо Меирелеш е голем обожавател на папата Фрањо, но во својот филм, тој се обидува длабоко да навлезе во неговиот живот, но и да ги прикаже неговите слабости.

„Сметам дека папата Фрањо е многу важен глас во светот денеска. Тој ја гледа планетата како една целина и се обидува да гради мостови, додека други сакаат да градат ѕидови. Филмот е многу искрен. Ги претставуваме и грешките што ги направил пред 30 години во Аргентина. На крајот, тој станува човек кој сите треба да го поддржиме. Ако го гледа филмот, се надевам нема да ни се налути, туку ќе му биде забавен“, вели бразилскиот режисер.

„Двајцата папи“ раскажува за периодот на ненадејната оставка на папата Бенедикт во 2013, по што беше наследен од папата Фрањо. Хопкинс го игра Бенедикт, додека Прајс е Фрањо. „Нетфликс“ ќе го пушти филмот во кината во САД на крајот на ноември, а на стриминг платформата во декември.