„Хјундаи“ објави дека ќе инвестира 35 милијарди долари во автотехнологии до 2025 година, што во најголем дел ќе биде насочено кон развој на самовозечки автомобили, сегмент што доби поддршка и од корејската влада. „Хјундаи“ притоа ќе соработува со американската фирма за самовозечки технологии „Аптив“, за што ќе издвои 1,6 милијарди долари.
Ова уследи откако претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-Ин, изјави дека очекува половина од автомобилите на тамошните патишта да бидат самовозечки до 2030 година.
„Пазарот на самовозечки автомобили е златна шанса за ревитализирање на економијата и за создавање нови работни места“, изјави Мун.
Владата објави дека ќе ја субвенционира технологијата на автономно возење со 1,5 милијарди долари во периодот од 2021 до 2027 година.
„Се очекува ‘Хјундаи‘ да лансира целосно автономни возила за потребите на компании до 2024, а за општа употреба до 2027 година“, изјави министерот за индустрија на Кореја.