Четири вечери и девет изведувачи ја сочинуваат програмата на 38. издание на Скопскиот џез фестивал, што официјално се отвора денеска со гитарските концерти во Националната опера и балет.
За Дејвид Торн (20 часот) и Фред Фрит (22 ч.), ова ќе биде прв настап во рамките на Скопскиот џез фестивал.
Торн (66) е американски гитарист, композитор и продуцент кој во најавата на фестивалот беше опишан како „омилен гитарист на Дејвид Боуви“. Легендарниот британски пејач е еден од многуте познати музичари со кои има соработувано Торн, кој свирел на три негови албуми снимени во овој век. Торн, исто така, гостувал на албуми на Мадона, Тори Амос, Џон Леџенд, Лори Андерсон…, но има и своја дискографија од 15-ина албуми.
Фред Фрит (70) е дел од генерацијата авангардни, експериментални музичари од 1960-ите години, кој важи и за музички иноватор и импровизатор. Неговото име се среќава на повеќе од 400 музички изданија, а најнов проект му е триото со кое вечерва ќе се претстави и во Скопје.
Во фокусот на годинашниот СЏФ е јубилејот половина век на реномираната германска издавачка куќа „И-Си-Ем“, па и добар дел од учесниците се поврзани со неа.
Г. КОНЕВ