Поранешниот шпански крал Хуан Карлос Први ја предводеше листата гости на венчавката на Рафаел Надал, кој синоќа се ожени со Чиска Перељо по 14 години врска.
Церемонијата се одржа на најскапиот имот во Шпанија, Ла Форталеса, кој се наоѓа во малиот град Поленса, лоциран во северниот дел на Мајорка и како што објави шпанскиот весник „Мундо депортиво“, Надал и Перељо ги замолиле гостите „да уживаат во нивната венчавка во строга приватност“. Бидејќи фотографирањето било забрането, сите гости на влез морале да ги остават своите мобилни телефони.
Дизајнерката Роса Клара објави на Инстаграм дека таа ја креирала венчаницата на Перељо, а за менито била задолжена готвачката со неколку Мишелин ѕвезди, Макарена де Кастро. Меѓу 300-те гости имало голем број тенисери и други спортисти.
Надал и 31-годишната Марија Франсиска Чиска Перељо се заедно уште од училишните денови. Тие ја почнале врската во 2005, истата година кога Надал на Ролан Гарос ја освои својата прва гренд слем титула, но медиумите дознаа за нив дури во 2008, кога беа снимени заедно на плажа на Мајорка. Тие се свршија лани, но за тоа се дозна дури оваа година.
Перељо има дипломирано бизнис и денес работи во Тениската академија на Надал и е директорка на одделот за стратегии и односи со јавност во неговата фондација.