Од петок до 20 ноември, по вторпат ќе се одржува манифестацијата „Денови на европско Скопје”, што Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ја организира во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Настанот ќе се отвори во Културно-информативниот центар со изложбата „Дрезден: Лица/Простор/Време” на фотографите Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
За време на „Деновите“ ќе се одржи и промоција на книгата „Од летописот на творците за роднокраното Скопје“ од Тамара Арсовска, која се издава постхумно, како и работилница на тема „Магијата на портретно овековечени“. Предавач на работилницата ќе биде фотографот Љупчо Илиевски, а ќе учествуваат учениците од Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.
„Оваа година решивме да бидеме малку поедукативни и да направиме изложба за портрет, бидејќи човекот отсекогаш сакал да се види, да се слика и да се фотографира. Селфи со мобилен телефон сега е многу актуелно, па сакаме да го прикажеме портретот од една посебна страна, затоа што тој бара знаења од многу области“, вели Илиевски.