Филхармонијата го најавува вечерашниот солист, германскиот виолончелист Николас Алштед, како ѕвезда на светската музичка сцена. Вечерва од 20 часот, на концертот насловен „Нов здив“, со кој се отвораат 20. Есенски музички свечености, тој ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Мјачеслав Вајнберг, дело кое било затворено во фиоката на композиторот до смртта на Сталин.
На програмата е и „Чудесниот Мандарин“ од Барток, а со оркестарот ќе диригира Ален Бурибајев од Казахстан.
Алштед е еден од најбараните инструменталисти на светската музичка сцена. Настапува како солист и диригент, а неговиот репертоар е широк и опфаќа дела од сите музички епохи.
За „Чудесниот Мандарин“ од Бела Барток, Филхармонијата вели дека е фантастично дело напишано за истоимениот пантомима балет. Првата изведба во Келн во 1926 била проследена со низа контроверзи и цензура, главно поради „прекршените“ морални кодекси.
Есенските музички свечености се во организација на Дирекцијата за култура и уметност Скопје. Директорот Никола Глигоров најави 13 настани до крајот на ноември, меѓу кои и настапот на ансамблот за народни песни и ора „Танец“, кој слави 70 години. Влезот за сите настани е слободен, но потребно е да се подигнат билети.
Б. НЕСТОРОСКА