МУЗЕЈ НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ СЕ ОТВОРА ВО СЛАВНОТО СТУДИО ЧИНЕЧИТА

Рим, (ДПА)

Славното римско филмско студио Чинечита, познато како Холивуд на Тибер, ќе стане музеј посветен на историјата на италијанскиот филм.

Музејот за аудиовизуелни уметности и филм ќе се отвори во декември во поранешниот оддел за развој на студиото, кој беше запуштен со развојот на дигиталната технологија.

На влезот, посетителите ќе ги пречекува цитат од Федерико Фелини, легендарниот режисер на „Сладок живот“, кој вели: „Единствениот вистински реалист е визионерот“. Во музејот ќе биде темно како во кино и ќе има 12 соби со видеоснимки на разни теми од италијанските филмови.

Материјалот е изваден од околу 400 филмови и содржи сцени со ѕвезди како Софија Лорен и Марчело Мастројани.

„Ова е многу повеќе од музеј за филм, ова е музеј за колективната свест за филмот“, изјави кураторката Џани Чанова.

Влезот ќе чини 15 евра, а билетот ќе важи и за останатите атракции на Чинечита, вклучувајќи филмски сетови и изложба за историјата на студиото.