Операта „Кармен“ од Жорж Бизе по 17 години ќе има премиера во Националната опера и балет (НОБ), в петок од 20 часот. Ќе диригира Енрико Довико од Италија, а режијата е на Нина Најденова од Бугарија. Ова е седма постава на една од најзначајните светски опери за 70 години постење на националната куќа.
Насловната улога ќе ја пее мецосопранот Ирена Кавкалевска, која вели дека пеела и на премиерата во 2002, а потоа уште многу пати, со разни диригенти и солисти.
„Сега за првпат не чувстувам страв како технички ќе ја изведам улогата, туку конечно можам да кажам дека ќе уживам во Кармен“, рече Кавкалевска.
Режисерката Најденова, која по четврти пат работи во Скопје, вели дека во „Кармен“ ја инспирира темата како страста и љубовта можат да уништат еден човек.
В петок ќе пеат и: Иван Момиров од Бугарија како Дон Хозе, Марјан Јованоски како Ескамилио, Сандра Митровска како Микаела, Катерина Стојановска како Фраскита, Марика Поповиќ како Мерцедес, Драган Ампов како Данкаиро, Дејан Стоев како Ремендадо и Ернес Ибраимовски како Цунига.
Сценографијата е на Елена Иванова од Бугарија, а костимите на Марија Пупучевска. Репризата е на 12 ноември.
Б. НЕСТОРОСКА