„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВО ТРКА ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ ВО ЕВРОПА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Медена земја“ на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска доби номинација за најдобар документарец на Европските филмски награди, кои ги доделува Европската филмска академија.

Академијата денеска во Севилја, Шпанија објави дека „Медена земја“ е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019, заедно со: „Сведоците на Путин“ (Русија), „За Сама“ (Велика Британија/САД), „Исчезнувањето на мојата мајка“ (Италија/САД) и „Селфи“ (Франција/Италија)

На овој потесен избор, пред три месеци му претходеше селекцијата на „Медена земја“ меѓу 12 филмови. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3.600 членови на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на 7 декември во Берлин.

Режисерите и главната протагонистка во „Медена земја“ Атиџе Муратова деновиве се во Њујорк, каде што утре во Бруклин ќе бидат доделени наградите Избор на критиката за документарци. Филмот е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа. На церемонијата на Атиџе ќе ѝ биде врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.

Од премиерата и победата на Санденс, најголемиот американски фестивал за независен филм, „Медена земја“ освои уште девет награди на фестивалите низ светот. Од нив, победата на ДокАвив во Тел Авив директно го квалификуваше за номинација за Оскар за најдобар долгометражен документарен филм. „Медена земја“ е македонски кандидат за номинација за Оскар за странски филм.