ФОРМУЛА 1 СЕ ОБВРЗА ДА СТАНЕ ЈАГЛЕРОДНО НЕУТРАЛНА ДО 2030 ГОДИНА

Лондон, (Би-Би-Си)

Формула 1 објави план да стане јаглеродно неутрална до 2030 година. Целта на спортот е да не остава никакви штетни траги од своите активности на тркачките патеки, но и при транспортот на тимовите и опремата.

„Формула 1 планира да се префрли на ултраефикасни логистика и патувања и стопроцентно да работи на обновливи извори на енергија. Како прв чекор, веднаш стартуваме со проекти за намалување на штетни емисии“, објавија челниците на спортот.

Тие додаваат дека сите настани до 2025 година ќе станат одржливи, вклучувајќи забрана на пластиката за еднократна употреба и повторна употреба и рециклирање на целиот отпад. Од 2021 година, правилата ќе налагаат најмалку 10% од горивото во болидите да бидат од биолошко потекло.

Високотехнолошките турбо хибридни мотори, што во Ф-1 се користат од 2014, се најефикасните автомобилски мотори на светот и тие ќе останат во употреба до крајот на 2025.

Се проценува дека Формула 1 е одговорна за 256.551 тон штетни емисии во 2018 година, од кои 45% отпаѓаат на логистиката. Оваа година се возат 22 трки, што во следната деценија треба да порасне на 25.