СО „НОСТАЛГИЧНА ЉУБОВ“ САКАМ МЛАДИТЕ ДА ГО ЗАПОЗНААТ КЛАРИНЕТОТ, ВЕЛИ БЛАГОЈ ЛАМЊОВ ЗА СВОЈОТ ПРВ АЛБУМ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешанецот Благој Ламњов го промовираше својот прв албум „Носталгична љубов“ (Nostalgic Love), на кој работел две години, во преполната медиотека на Градската библиотека. Тој свири кларинет и сите десет песни се инструментални.

„Ова се песни инспирирани од македонската музика, помешано со неколку други стилови, изведени со префинетиот класичен тон на кларинетот. Сакав да го привлечам вниманието и на оние кои никогаш не слушале кларинет, како тинејџери и турбофолкери. Со мојата музика некој заспива, некој се буди, а одговара и додека се вози автомобил“, вели Ламњов, кој е продуцент, композитор и главен изведувач на албумот.

Албумот е снимен во Малме. По завршувањето на нижото музичко образование во Велес, Ламњов замина за Шведска, каде завршил музичка академија. Периодов настапува во Градскиот театар на Стокхолм, во мјузиклот „Свирачот на покривот“, а свири и во Операта на Малме.

П. ПЕЧКОВ