Симон Трпчески е магионичар на пијано, вели легендарниот француски критичар Ален Ломпеш по рециталот на македонскиот пијанист во Националното радио на Франција во Париз.
Здружението за култура и уметност „КултурОп“ вели дека Ломпеш, кој пишувал и за „Фигаро“, ја објави критиката под тој наслов на престижниот сајт за класична музика „Бахтрак“.
„Како вистински мајстор во својата работа, тој ја отсвири Седмата соната на Прокофјев со мил, а воедно и мистериозен вовед, за да заврши со интензивните акорди на оваа воена соната“, стои, меѓу другото, во рецензијата полна со суперлативи.
Рециталот подоцна беше пренесуван на каналот на „Франс мјузик“.
Трпчески летоска беше на турнеја во Бразил, Црна Гора, Холандија, Јапонија и во престижни концертни сали во Германија, Финска, Чешка, Ерменија, Велика Британија, Шпанија, Белгија и Романија. Во декември го очекуваат настапи во Франкфурт и познатата сала „Музикферајн“ во Виена.