„СНЕЖНОТО КРАЛСТВО 2“ СРУШИ РЕКОРДИ ВО ПРВИОТ ВИКЕНД ОД ПРИКАЖУВАЊЕТО

Њујорк, (АП)

Шест години по големиот успех на „Снежното кралство“, продолжението на приказната за Елса, Ана и Олаф заработи 127 милиони долари во американските кина и 350,2 милиони на светско ниво во првиот викенд од прикажувањето.

„Снежното кралство 2“ на „Дизни“ сруши неколку рекорди, па стана анимиран филм со најуспешна премиера глобално, како и анимиран филм со најголема заработка во Северна Америка надвор од летната сезона.

„Дизни“ тактизираше и го пушти филмот пред Денот на благодарноста, па може да очекува значителна заработка и оваа недела, со оглед на тоа што училиштата во САД нема да работат.

Првиот дел освои два оскара, за најдобар анимиран филм и за оригинална песна, и донесе приход од 1,27 милијарди долари, откако стартуваше со 93 милиони во домашни киносали.