Режисерот Мартин Скорсезе ја замоли публиката да не ги гледа неговите филмови на смартфони.
„Доколку некогаш сакате да погледнете некој од моите филмови или кој било друг филм, ве молам, ве молам, не гледајте го на телефон. Евентуално на голем ајпад“, рече Скорсезе во интервјуто за „Ролинг стоун“.
Минатата недела, на „Нетфликс“ почна да се прикажува неговиот нов филм „Ирецот“. Тој ќе игра и во кината за да може да конкурира на Оскарите, но голем број фанови се пофалија дека го гледаат на нивните „епл“ телефони.
Скорсезе, кој сними реклама за „ајфон 4С“ во 2012, засега добива одлични критики за филмот, во кој е користена дигитална технологија за подмладување на актерите Роберт де Ниро и Ал Пачино.