По изложбите „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“ и „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“, што се реализираа во 2018 и 2019, Националната галерија на Северна Македонија денеска ја претстави изложбата „Јас и ти, едно сме“. Изложбата во Чифте амам е последна од ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“, финансиран од холандската амбасада, во кој под координаторство на Маја Димитрова работеа деца со различен спектар на попреченост, различна возраст, специфики, социјален статус, пол и посебни потреби.
Според проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, арт-терапијата придонесува за позитивни промени во социјалното однесување и вниманието кај децата со посебни образовни потреби.
Арт-терапијата кај децата со аутизам, вели Трајковски, може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално, бидејќи процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување.
„Арт-терапијата им дава глас на децата со посебни потреби и ги зајакнува како ниедна друга активност. Особено кај децата кои имаат тешкотии во учењето на говорните вештини откривме дека уметничката терапија е магична како за нив, така и за сите ментори учесници во овој проект“, рече директорката на НГСМ Дита Старова-Ќерими.
Б. НЕСТОРОСКА