НАД 50 ПОЛАРНИ МЕЧКИ ОКУПИРАА СЕЛО ВО РУСИЈА ВО ПОТРАГА ПО ХРАНА

Москва, (Би-Би-Си)

Повеќе од 50 поларни мечки окупираа село на далечниот север на Русија.

Сите јавни активности во Риркајпи во регионот Чукотка се откажани, а полицијата ги чува училиштата за да се заштитат жителите од мечките. Властите велат дека ова е последица на климатски промени, бидејќи поради недоволно цврстиот крајбрежен мраз животните се принудени да бараат храна во селото место во морето.

Посетите на поларните мечки станале толку чести, што експерти предлагаат селото да се евакуира.

„Избројавме 56 поларни мечки во близина на селото. Меѓу нив има и млади и возрасни, а има и женки со мечиња. Речиси сите изгледаат слабо“, изјави Татјана Миненко, шеф на локалната програма за следење диви животни.

Поларните мечки вообичаено живеат во ‘ртот Шмит, 2,2 километра од Риркајпи.