ПРЕКУ „КАСЕТА“ И МЕТАЛ МУЗИКА САКАМЕ ТИНЕЈЏЕРИТЕ САМИ ДА НИ ДОАЃААТ, ВЕЛИ ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ ЗА НОВАТА ПРЕТСТАВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претстава со метал музика, наменета за публика над 12 години, е новиот проект на Театарот за деца и младинци, чија премиера е закажана за утре во 20 часот.

Режисер на „Касета“ е Бесфорт Идризи, а е работена според истоимената драма на шведскиот автор Денис Магнусон. Како што рече Идризи, тој е познат филмски автор, но и музичар од метал сцената. Играат Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа-Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски.

Фото: Театар за деца и младинци

„Ова е приказна за тинејџерката Тува, чија мајка умира при породувањето. Таа не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира. Еден ден, на таванот од куќата, таа меѓу стари предмети пронаоѓа музичка касета, на која пишува ‘Горбар‘“, вели Идризи.

Директорката на ТДМ, Катарина Илиевска-Силјановска, вели дека преку приказната се открива еден нов музички свет, а во исто време, тинејџерката се запознава себеси.

„Родителите вообичаено ги сметаме за здодевни, сѐ додека не откриеме дека тие кријат нешто специјално и интересно, што не сме го знаеле“, вели таа.

Со ваков тип претстави, велат актерите, сакаат да ја научат таа публика на критична возраст да почне да доаѓа во театар.

Сценографијата е на Енес Деари, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а претставата содржи авторска музика инспирирана од метал, дело на Игор Василев-Новоградска, најпрепознатлив по електронска и филмска музика.

Б. НЕСТОРОСКА