ЦРТЕЖ ОТКРИЕН ВО ПЕШТЕРА ВО ИНДОНЕЗИЈА Е НАЈСТАРА ПРИКАЗНА НА СВЕТОТ

Џакарта, (Би-Би-Си)

Научниците утврдиле дека цртеж откриен на ѕидот на пештера во Индонезија е стар околу 44.000 години. Тој прикажува бизон што го ловат получовечки, полуживотински суштества, кои носат копја и нешто што наликува на јажиња.

Некои научници веруваат дека ова е најстарата нацртана приказна на светот, но не е и најстар цртеж. Овој статус, според научниците, му припаѓа на цртеж пронајден лани на карпа во Јужна Африка, чија старост е проценета на 73.000 години.

Цртежот е откриен во пештера на југот на Сулавеси, остров источно од Борнео. Целиот панел е широк речиси пет метри и освен бизон, содржи и диви свињи и помали фигури кои наликуваат на луѓе, но со животински особини, како муцки и опашки.

„Никогаш не сум видел ништо слично. Сум видел стотици цртежи на карпи во регионот, но никогаш ваква сцена на лов“, изјави археологот Адам Брум.

На Сулавеси постојат најмалку 242 пештери или засолништа кои содржат древни цртежи и нови постојано се откриваат. Животните прикажани на овие цртежи и натаму живеат во Индонезија.