ЦРНИТЕ ЖЕНИ ДОМИНИРААТ НА ИЗБОРИТЕ ЗА МИС – КРУНАТА НА МИС СВЕТ ЗАМИНА ВО ЈАМАЈКА

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Претставничката на Јамајка Тони-Ен Сајн е избрана за Мис на светот на свеченоста која се одржа синоќа во Лондон.

„Ова е порака за она мало девојче од Сент Томас, Јамајка и за сите девојчиња во светот – верувајте во себе! Знајте дека сте вредни и способни да си ги остварите соништата. Оваа круна не е моја, туку ваша“, твитна Сајн.

Дваесет и тригодишната Сајн е родена во Сент Томас и кажа дека планира да стане лекар. Зад неа се пласираа претставничките на Франција и Индија.

Ова е четврти пат претставничка на Јамајка да стане Мис на светот од 1959 година, кога почна изборот.

Исто така, за првпат во историјата, црни жени истовремено ги држат титулите Мис САД, Мис Америка, Мис универзум и Мис свет.