ГРЕТА Е ПОСРЕЌНА ЛИЧНОСТ ОТКАКО ПОЧНА СО КЛИМАТСКИОТ АКТИВИЗАМ, ВЕЛИ НЕЈЗИНИОТ ТАТКО СВАНТЕ ТУНБЕРГ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Таткото на Грета Тунберг мислел дека е лоша идеја неговата ќерка да биде во првите редови на борбата против климатски промени.

Шеснаесетгодишната Швеѓанка инспирираше милиони луѓе, првенствено млади, да се ангажираат против еден од најголемите проблеми на планетата, но Сванте Тунберг вели дека во прв момент не ја поддржувал кога училиштето го замени за штрајкови.

„Грета е многу посреќна личност откако стана активистка, но ме загрижува омразата со која се соочува“, вели Сванте Тунберг во интервјуто за Би-Би-Си.

Грета беше номинирана за Нобелова награда за мир откако покрена глобално движење кое ги притисна светските лидери да преземат порешителна акција против климатските промени. Таа исто така беше прогласена за Личност на годината од магазинот „Тајм“.

„Грета страдаше од депресија три-четири години пред да почне со своите штрајкови. Таа престана да зборува, да оди на училиште, дури одбиваше да јаде. Побаравме помош од лекари и пред четири години, тие утврдија дека има Аспергеров синдром, што е форма на аутизам“, вели Сванте Тунберг.

Во наредните години, тој и Грета почнале често да дискутираат и истражуваат за климатските промени, што довело и до промени во нивниот животен стил. Сванте ја придружуваше Грета на нејзините експедиции со брод до Њујорк и Мадрид, бидејќи таа одбива да лета со авион.

„Ги правев тие работи не за да ја спасам климата, туку да го спасам моето дете. Имам две ќерки и тие ми значат сѐ. Само сакам да бидат среќни. Грета се промени откако почна со активизмот и сега е многу посреќна. Можеби другите ја гледаат како посебна и многу славна, но за мене е нормално дете“, вели Сванте Тунберг, додавајќи дека таа сосема добро се носи со критиките што ги добива.

Грета наскоро ќе наполни 17 години и веќе нема да има потреба од придружба на патувањата.

„Ако ме треба, тука сум. Но, мислам дека сѐ повеќе ќе се осамостојува“.