ПЕЈАЧКАТА ПИНК ЌЕ ДОНИРА 500.000 ДОЛАРИ ЗА АВСТРАЛИСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ

Сиднеј, (АП)

Американската пејачка Пинк ќе донира 500.000 долари за да ја помогне борбата против катастрофалните пожари кои веќе со месеци ја пустошат Австралија.

„Целосно ме потресува кога гледам што моментално се случува во Австралија. Затоа ќе донирам 500.000 долари директно на локалните пожарникарски служби кои се борат со пожарите во првата линија. Моите мисли се со сите мои пријатели во Австралија“, изјави Пинк.

Во пожарите кои почнаа уште во септември загинаа најмалку 23 луѓе и изгореа над 1.500 домови. Тие зафатија површина од пет милиони хектари и предизвикаа огромни уништувања и во животинскиот свет. Се проценува дека во пожарите досега умреле 500 милиони животни, при што се стравува дека некои видови целосно би можеле да бидат искоренети.

Ситуацијата е најкритична во сојузните држави Нов Јужен Велс и Викторија и временските прилики и натаму одат во прилог на пожарите.