РАСЕЛ КРОУ НЕ ДОЈДЕ НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ ЗАШТО СИ ГО ШТИТИ СЕМЕЈСТВОТО ОД ПОЖАРИТЕ

Беверли Хилс, (Би-Би-Си)

Расел Кроу не беше во Беверли Хилс за да го прими Златниот глобус за најдобар актер во минисерија бидејќи Австралија се бори со катастрофалните пожари, во кои што настрадал и неговиот дом. Место тоа, Кроу се огласи преку однапред напишана порака, во која се обиде да ја крене свеста за климатските промени.

„Не бидете во заблуда. Трагедијата што моментално ѝ се случува на Австралија е заснована на климатски промени. Мора да ја слушаме науката и да се свртиме кон обновливи извори на енергија. Да ја почитуваме оваа наша неверојатна и уникатна планета“, изјави Кроу, кој беше награден за серијата „Најгласниот глас“.

Џенифер Анистон, која требаше да му ја додели наградата, кажа дека Кроу останал дома за да го штити своето семејство.

Кроу е еден од илјадници Австралијци чии домови се оштетени или уништени во пожарите кои почнаа уште во септември. Тие досега однесоа најмалку 24 човечки животи. Тој редовно постира на социјални мрежи откако почна кризата и охрабрува да се собираат донации за пожарникарите.

Меѓу оние кои повикаа на поголема акција беа и Хоакин Феникс, Кејт Бланшет и Марго Роби.