Поп пејачката Шакира вели дека се плаши од брак и тоа е единствената причина што и по десет години врска не се омажила за шпанскиот фудбалер Жерард Пике.
„Не сакам тој да ме гледа како сопруга. Сакам да ме гледа како девојка, како љубовница. Сакам да го држам цврсто на земја“, кажа Шакира во интервјуто за магазинот „Ола“.
Четириесет и двегодишната Шакира го запозна десет години помладиот Пике на снимањето на спотот за песната „Waka Waka“, која беше химна на Светското фудбалско првенство во 2010 во Јужна Африка.
„Не бев фан на фудбалот, не знаев кој е Пике. Кога го погледнав спотот, забележав колку е сладок и потоа некој конечно нѐ запозна“, вели таа.
Иако никогаш не се венчаа, од нивната љубов произлегоа две деца: Милан, кој наскоро ќе полни седум години и четиригодишната Саша.
Пред Пике, Шакира 11 години беше во врска со аргентинскиот адвокат Антонио де ла Руа.