НА ВАСИЛИЦА ЦЕЛА БИТОЛА ВРТИ МАЗНИК СО ПАРИЧКА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Василица за Битола како да е неработен ден. И оние кои се на работа едвај се зафаќаат со работа, зашто овој ден е резервиран за вртење мазник со паричка. Адетот се практикува со години, па има работни организации во кои мазник со пара се врти во континуитет со децении.

Пекарите низ Битола раскажуваат дека најголемиот мазник што го приготвиле бил со 15-ина кори, на времето кога се правел под сач. Денес, големите колективи практикуваат место еден голем мазник да вртат повеќе означени со бројчиња.

Мазници се вртат во банки, општински и државни институции, општинскиот Совет, болницата, здравствениот дом, во установите од културата и каде уште не. На овој ден времето како да застанува во Битола.

Она што е посебно интересно е што на адетот се приклучуваат и муслиманите, па овој празник спојува разни етникуми и вери во градот.

Се верува дека за Василица битолчани ќе исукаат и изедат над 40.000 мазници. Освен во домашни услови, прославите се префрлија и во кафеаните, каде василичарската треска започнува од 12 и трае до 16 јануари.

Ж. ЗДРАВКОВСКА