„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЌЕ ИГРА ВО КИНО СЀ ДО ОСКАРИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот документарец „Медена земја“, кој има историски две номинации за Оскар, во скопското кино Милениум ќе се прикажува сѐ до свечената церемонија во Холивуд на 10 февруари. Филмот игра од минатата недела, а терминот ќе остане ист и во наредниот период, 20 часот. Влезницата чини 150 денари.

Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов до 18 јануари ќе се прикажува во два термина во Кинотеката, од 18 и од 20 часот. Билетот чини 100 денари.

„Медена земја“ испиша историја откако доби номинација и за најдобар документарец и за најдобар странски филм, што не се случило во 92-годишното постоење на Оскарите.

Иако се одржува во рани утрински часови по македонско време, Младински културен центар најави дека ќе организира следење во живо на свеченото доделување.