ТРПЧЕСКИ ВООДУШЕВИ ВО ЊУ ЏЕРСИ, СЛЕДАТ РЕЦИТАЛИ ВО ЕВРОПА И ПОРТОРИКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески одржа три концерти во САД со Оркестарот на Њу Џерси и славната диригентка Шијан Жанг. Како што пренесува Здружението за култура и уметност КултурОп, тие веќе имаат соработувано на концерти во Кина.

„Навистина имаме одлична соработка и ова беше продолжување на тоа убаво искуство. Публиката повторно нѐ награди со овации за изведбите на Концертот број 2 од Лист“, вели Трпчески за Македонското радио, најавувајќи голем број атрактивни настапи и во продолжението на сезоната.

Маестро Трпчески потпишува цедиња за обожавателите (Фото: КултурОп)

„Со нови сили и надежи во новата декада, многу се радувам на серијата рецитали во Европа (Словенија, Даблин, Лондон), Сан Хуан во Порторико, па во Хјустон, а тука се и настапите со оркестри во Шпанија, Загреб, Цирих и повторно низ Велика Британија. Особено задоволство ми претставува премиерата на проектот ‘Македонисимо’ во Азија, со три изведби во Пјонгчанг во Јужна Кореја“, вели Трпчески.