Двајца мажи од Шпанија и Нов Зеланд направиле „Земјин сендвич“, поставувајќи кришка леб во исто време во точно одредена точка на својот крај од планетата.
Деветнаесетгодишниот Етиен Нод од Нов Зеланд вели дека долго време имал ваква идеја, но не можел да најде никого во Шпанија, на другата страна на Земјината топка. Во тоа конечно успеал откако напишал порака на Редит.
Нод ја утврдил точната географска должина и ширина за да го направи сендвичот со „полнење“ дебело 12.724 километри. Двајцата биле разделени околу 20.000 километри ако се патува по конвенционална маршрута.
За да го направи сендвичот и за да ја најде точната спротивна точка, Нод користел онлајн мерна алатка наречена „тунел до другата страна на Земјата“, при што дознал дека таа се наоѓа во јужна Шпанија. На неговата порака на Редит се јавил 34-годишниот готвач Анхел Сиера, кој морал да патува 11 километри до точната локација.
„Беше тешко да се организира сѐ со 12-часовна временска разлика. Многу работи мораа да се погодат“, вели Нод.
Научното име за спротивните точки на Земјината површина е антипод.