Тагата и солзите по кошаркарската легенда Коби Брајант ја засенија политиката на свеченоста на 62. доделување на наградите Греми. Церемонијата се одржа неколку часа по хеликоптерската несреќа во која загинаа девет лица, меѓу кои 41-годишниот Коби и неговата 13-годишна ќерка Џана Марија Оноре, во Стејплс центарот, салата на Лос Анџелес Лејкерс.
Иако имаше неколку референци за актуелни политички настани, како импичментот на претседателот Доналд Трамп, правата на хомосексуалците или различноста, низ целата свеченост доминираа сеќавања за Брајант.
Политиката често знае да е во фокусот на Греми. Во 2018 како изненадување се појави Хилари Клинтон со неколку пораки за поддршка за емигрантите, а пак лани Мишел Обама исто така се појави на сцената со неколку женски изведувачки.
Мишел годинава доби Греми награда за нејзината автобиографија „Моја приказна“ (Becoming), во категоријата најдобар албум со раскажување за аудиоверзијата на книгата.