Џенифер Лопес и Шакира го славеа своето латино потекло на настапот на полувремето на Супербоулот во Мајами, во кој Канзас Сити чифс го совлада Сан Франциско 49ерс со 31:20, за да ја освои првата титула во НФЛ после 50 години.
Нивната енергија на сцената можеше да се спореди со онаа на фудбалерите, кои за тоа време во соблекувалните чекаа да продолжи мечот. Дополнети со спектакуларна кореографија, двете пејачки отпеаја неколку од своите најголеми хитови, а на Лопес во еден момент на сцената ѝ се придружи 11-годишната ќерка Ема.
Ова беше прво шоу на полувремето на Супербоулот во кое настапија само латино изведувачи, а за програмата беше задолжен Џеј-Зи, првпат откако потпиша договор за соработка со НФЛ.
Супербоулот секоја година е најгледаниот ТВ-настан во САД, со околу 100 милиони гледачи и ова беше сфатено како моќна порака за инклузија.
(Фото: АП)