ЃОКОВИЌ ИГРАЛ ВО ЧЕСТ НА КОБИ БРАЈАНТ ВО ФИНАЛЕТО НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Мелбурн, (Гардијан)

Новак Ѓоковиќ вчера по рекорден осми пат го освои Отвореното првенство на Австралија и потоа откри дека една од најголемите инспирации му бил Коби Брајант.

Тој на тренерката го носеше бројот осум, во чест на легендарниот американски кошаркар чија трагична смрт пред осум дена го шокираше светот.

„За нашиот однос немам зборувано многу додека тој беше жив. Имавме пријателски однос и тој беше еден од најзначајните ментори во мојот живот. Несебично со мене делеше совети поврзани со спорт, семејство, бизнис и вечно ќе му бидам благодарен за тоа. Шокиран сум како и многумина, не знам како би го опишал тоа. Тоа е голема загуба, но мислам дека треба да се сеќаваме на него со насмевка. Тој постојано беше насмеан и позитивен. Неговото наследство засекогаш ќе живее во моето срце“, кажа Ѓоковиќ откако го победи Доминик Тим со 3:2 во финалето.

Ѓоковиќ од денеска повторно е на врвот на АТП-листата, со 325 бодови повеќе од Рафаел Надал.