Кристијано Роналдо вчера наполни 35 години и призна дека како мал не мислел дека ќе стигне олку далеку во фудбалската кариера.
Со низа големи трофеи и голгетерски рекорди зад себе, Роналдо ја ужива една од најбрилијантните кариери во историјата на фудбалот, 18 години откако го имаше своето професионално деби.
„Кога бев мал, мислев дека на 35 години ќе ловам риби во Мадеира. Никогаш не сум помислил дека ќе играм каде што играв и дека ќе освојам толку многу титули“, кажа Роналдо за португалските медиуми.
Тој четири пати ја освојуваше „Златната копачка“, а пет пати „Златната топка“. Пет пати беше и европски клупски првак, како и еднаш со Португалија. Роналдо е најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид (451 гол) и на Лигата на шампионите (128), а на репрезентативно ниво има дадено 99 голови, десет помалку од рекордерот Али Даеи.
„Планирам да играм до 40. година“, вели Роналдо, кој се ближи кон бројката од 1.000 одиграни професионални натпревари (сега е на 995).