НИНА ДЕАН И БИЉАНА ДРАГИЧЕВИЌ КАКО АМАНДА САЈФРИД И МЕРИЛ СТРИП ВО МЈУЗИКЛОТ НА МНТ „МАМА МИА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Глумиците Нина Деан и Биљана Драгичевиќ-Пројковска ги играат главните улоги во мјузиклот „Мама миа“, што се поставува во Македонски народен театар.
„Мама миа“ е еден од најпоставуваните и најпопуларни мјузикли на светските сцени, а во 2008 година се сними и истоимен филм, со Мерил Стрип и Аманда Сајфрид во главните улоги.

Режисерка на мјузиклот со најголемите хитови на шведската група „АББА“ е Наташа Поплавска, кореографка е Олга Панго, а премиерата се најавува за 24 декември.

МНТ е носител и продуцент на мјузиклот, во копродукција со словенечкиот партнер „Проспот“, застапуван од славниот југословенски скијач од осумдесеттите години, Јуре Франко.

Преку хитовите на „АББА “ се раскажува комичната приказна за тинејџерка, која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки остров.

„Авторката Кетрин Џонсон го развива дејството на оваа весела и интересна приказна на прекрасниот грчки остров. Во пресрет на свадбата, желбата на ќерката да го открие идентитетот на татко ѝ ги враќа тројцата мажи на островот од минатото на мајка ѝ, што за последен пат го посетиле пред 20 години.
Раскажувачката магија на безвременските песни на ‘АББА’ претставува двигател на волшебната приказна за љубовта, смеата и за пријателството, креирајќи незаборавна претстава“, велат од МНТ.

Деан ја игра Софи Шеридан, а нејзината мајка Дона ќе ја игра Драгичевиќ-Пројковска. Најдобрите пријателки на Дона ги играат Арна Шијак и Тања Кочовска, додека во улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе бидат Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев. Никола Наковски ќе биде Скај, вереникот на Софи.

Во кастингот се и Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев. Учествуваат и голем број танчари и хористи, како и бенд во живо. Ќе диригира Бисера Чадловска, сценографијата е на Александар Дениќ, а костимограф е Роза Трајческа-Ристовска.

Следните изведби се закажани на 26, 28 и на 29 декември 2017 година и на 12, 13 и на 23 јануари 2018.
Билетите веќе се продаваат на билетарницата во МНТ.

„Мама миа“ е втор лиценциран мјузикл на МНТ, по „Чикаго“ во 2015 година, кој, исто така, го поставија Поплавска и Панго.