„Балерина: Муза на модата“ е насловена изложбата во Институтот за моден дизајн и технологија во Њујорк, чија цел е да покаже дека балетската уметност имала големо влијание врз модата, и висока и секојдневна, уште од почетокот на 20. век.
Меѓу 90-те костими е изложено и балетското здолниште, познато како пачка, на легендарната руска балерина Ана Павлова од „Лебедово езеро“, на која има 1.527 пердуви.
Свечени и коктел фустани од модни куќи како „Диор“, „Шанел“ и „Ланвин“ се изложени покрај балетски костими за да може да се спореди од каде биле инспирирани.
„Кога ќе видите свечен фустан со свилен тил, покриен со светки и сатенско боди, веднаш помислувате на пачка. Исто и со рамните чевли, познати како ‘балетанки’. Сите тие парчиња облека од балетската уметност го најдоа својот пат до модата. Балетот е сеприсутен“, вели кураторката и заменик-директорка на Институтот, Патриша Мирс.