Наградата за најдобар играч на НБА Ол-стар натпреварот отсега ќе го носи името на Коби Брајант.

Таа за првпат ќе биде доделена по вечерашниот натпревар помеѓу Тимот на Леброн Џејмс и Тимот на Јанис Антетокумпо, со кој ќе финишира Ол-стар викендот во Чикаго.

„Знаеме дека тој нѐ гледа од горе. Не сакам многу да зборувам за тоа зашто е многу чувствителна тема, но тој е со нас секој ден“, изјави Џејмс.

Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа минатиот месец заедно со ќерка му Џана и со уште седум луѓе, и натаму е најмладиот кошаркар кој настапил на Ол-стар натпревар (со 19 години во 1998). Тој 18 пати играше на Ол-старот и рекордни четири пати беше прогласуван за МВП. Во петокот, тој беше именуван меѓу осумтемина финалисти од кои ќе се избираат новите членови на Куќата на славните.

„Коби Брајант е синоним за Ол-стар натпреварите. Тој уживаше да се натпреварува против најдобрите и секогаш играше на највисоко ниво за милиони гледачи од цел свет“, кажа комесарот на НБА Адам Силвер.