ВАСИЛ ГАРВАНЛИЕВ ЈА ПРЕТСТАВИ ЕВРОВИЗИСКАТА ПЕСНА „ТИ“ (ВИДЕО)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Васил Гарванлиев вечерва ја промовираше песната „Ти“ (You), со која ќе ја претставува Македонија на 65. Евровизија, чиј домаќин ќе биде холандскиот град Ротердам.

Автор на музиката е Невена Нешкоска, композиторка и продуцентка од Охрид која работи и живее во Чикаго, која го напиша и текстот заедно со сестра ѝ Калина Нешкоска и со Американката Алис Шредер.

Продукцијата и аранжманот на песната, покрај Невена Нешкоска, ги работеа и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека спотот го режираше Милена Витман.

Гарванлиев ќе настапи на првата полуфинална на 12 мај, заедно со Австралија, Белорусија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Хрватска, Белгија, Израел, Кипар, Малта, Норвешка, Украина и Романија.

Триесет и петгодишниот Гарванлиев, кој е дипломиран оперски пејач, стекна слава пред 28 години, кога на фестивалот Златно славејче ја изведе „Марионка“, една од најпопуларните детски песни. Лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, која се пласираше на седмото место, што е најголемиот успех на Македонија досега.