ВО ВРЕМЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ, УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ГИ СЕЛАТ СВОИТЕ ЧАСОВИ И ПРЕДАВАЊА НА ИНТЕРНЕТ

Лондон, (Дезин)

Пандемијата на коронавирусот, меѓу другото, доведе до затворање на училишта и факултети во десетици земји, па така и во Македонија.

Универзитети, дизајнери и брендови ги искористија предностите на дигиталното доба за да ги преселат своите активности на интернет, заменувајќи ја непосредната интеракција со виртуелната алтернатива. Оваа преселба е најзабележлива во образовниот сектор, откако голем број училишта и факултети беа принудени да ги пратат своите ученици и студенти дома.

Европскиот институт за дизајн (ИЕД), Универзитетот во Инсбрук и десетици високообразовни институции во САД, како Харвард, Колумбија и Стенфорд, се меѓу оние кои ја суспендираа наставата и се префрлија на дигитални материјали и предавања.

„Универзитетот во Инсбрук ги затвори своите врати. Се префрламе на дигитално учење“, соопштија оттаму.

ИЕД, чие седиште е во Италија, ја прекина наставата и ја замени со „паметно школо“, што подразбира стримувани лекции, онлајн консултации, видеокомуникација и дигитални материјали.

Харвард им даде пет дена на своите студенти да го напуштат кампусот и најави премин на виртуелни предавања.

„Очекуваме транзицијата да биде комплетирана до 23 март, кога завршува пролетниот распуст“, изјави претседателот на Харвард, Лоренс Селдон.

Коронавирусот откажа и низа конференции и саеми и некои од нив лансираа виртуелни верзии, како што беше случај со Автосаемот во Женева.