СЛОВАЧКИОТ ПРЕМИЕР ОДРАБОТИ НОЌНА СМЕНА ВО ФАБРИКА

Братислава, (ХИНА)

Словачкиот премиер Роберт Фико одработи ноќна смена во една фабрика во близина на Братислава, во знак на солидарност со работниците кои бараат поголеми плати.

Фико го замени оделото со комбинезон и работеше осум часа на подвижна лента во една од компаниите што ја снабдуваат словачката автомобилска индустрија.

„Во текот на смената направив околу 500 заварувања. Сакав да им покажам на претприемачите колку е фантастично да се работи во ноќна смена“, кажа Фико, кој имаше понуди да одработи ноќна смена во пекара и на бензинска пумпа.

Словачка е меѓу земјите-членки на Европска Унија каде што работниците имаат релативно ниски плати, па затоа западноевропските компании таму го селат своето производство.

Фико се реши на овој потег, откако германските инвеститори и домашните претприемачи минатата недела протестираа против неговиот предлог-закон, со кој на работниците би им се зголемил додатокот за ноќна работа од сегашните 50 центи на 1,4 евра по час. Исто така, подобро би се плаќала и работата во неделите.