Сопругата на македонскиот премиер Зоран Заев, Зорица Заева ќе учествува на модната ревија на Здружението за помош и подршка на лицата со Даунов синдром ,,Вера“ од Струмица што ќе се одржи в недела (3 декември) во клубот „Индустријал“.
Заева на модната писта ќе се појави со дел од лицата со посебни потреби кои ќе бидат манекени и манекенки под мотото ,,Убави сме, свои сме’’.
,,На овој настан не е важна Зорица Заева, туку лицата со посебни потреби и нивните насмевки. Тие ќе бидат моделите и манекените, а не ние. Преку нивното појавување на модна писта верувам дека некому ќе му се исполни сонот да биде ѕвезда. Наше е да работиме за да ги вклучиме овие лица во нашата задница оти и тие имаат свои квалитети. Наше е да се бориме за прифаќање на различностите“, кусо ни кажа Заева која со сопругот Зоран Заев ја поддржуваат интеграцијата на лицата со посебни потреби, а секоја новогодишна ноќ се дружат со лицата од Заводот за рехабилитација Бања Банско.
На модната ревија ,, Убави сме, свои сме’’, според најавите од Здружението ќе учествуваат 15 тина деца со посебни потреби од Струмица и Радовиш, кои ќе бидат придружувани од јавни личности.
Целта е, како што ни кажа Анче Николова -Туфекчиева , да се исполни сонот на децата да бидат во центарот на вниманието на јавноста.
,,Децата ќе бидат облечени преку спонзорства. Нам ни е мило што сопругата на премиерот ќе биде дел од овој настан со кој сакаме да испратиме силна порака за поголема интеграција на децата со посебни потреби“, ни изјави Николова – Туфекчиева од здружението „Вера“.
Модната ревија ќе биде со забава од диџеј Јас сум Цако, а ќе присуствуваат голем број на пејачи, актери и политичари.
В. ТРАЈКОВ