50 ГОДИНИ ОД РАСПАДОТ НА „БИТЛС“ – КРАЈОТ СТАНА ОФИЦИЈАЛЕН СО БИЗАРНО ИНТЕРВЈУ НА ПОЛ МАКАРТНИ

Лондон, (Ролинг стоун)

„Макартни се раздели од Битлс“, објавија светските медиуми на 10 април 1970, навестувајќи го крајот на една од најважните појави во музичката историја.

Немаше големо збогум, немаше проштален хит, само бизарно соопштение за медиуми, преку кое беше промовиран првиот соло албум на Пол Макартни.

Но, според Макартни, легендарната четворка била растурена веќе неколку месеци. За да избегнат интервјуа, Макартни одлучил да испрати долга листа на прашања и одговори, во што му помогнал менаџерот Ален Клајн.

„Реакцијата на светот беше: ‘Ова е официјално‘, но ние знаевме веќе со месеци. Тоа беше тоа, навистина. Албумот излезе со тоа чудно објаснување во вид на прашалник, но тоа не беше начин да добијам публицитет, туку единствената цел беше да ги избегнеме медиумите“, се присети Макартни во едно интервју.

Полицијата се обидува да ги задржи фановите при посетата на „Битлс“ на Бакингамската палата во 1965 (Фото: АФП)

Веста што го шокираше светот дојде еден месец пред излегувањето на последниот албум на „Битлс“, „Let It Be“.

  • „Дали планирате нов албум или сингл со ‘Битлс‘?“ – „Не“.
  • „Дали овој албум е одмор од групата или почеток на соло кариера?“ – „Времето ќе каже. Но, соло албум значи почеток на соло кариера, а тоа што не го правам со ‘Битлс‘ значи одмор од групата. Така што, албумот е и двете работи“.
  • „Дали вашето разделување од ‘Битлс‘ е привремено или постојано, поради лични или музички разлики?“ – „Лични разлики, деловни разлики, музички разлики, но најважно од сѐ, зашто имам повеќе време за семејството. Привремено или постојано? Не знам“.

Пол и другите членови на групата и порано кажувале вакви работи, но овојпат, никој ништо не демантираше. На промоцијата на „Let It Be“ на 20 мај не се појави никој од членовите. Четворката веќе никогаш не беше видена заедно.

Распадот на „Битлс“ ги остави фановите неутешни, се присети Филип Норман, кој има напишано неколку книги за групата.

„Цела генерација порасна на ‘Битлс‘. Многумина мислеа дека тоа е ужасно и дека иднината е бледа без нив. Но, музиката на ‘Битлс‘ го издржа тестот на времето и тие остануваат најпродаваните музичари на сите времиња. Тие никогаш не завршиле, тие се секаде“, вели Норман.