ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР ПОЧНУВА СО ИНТЕРНЕТ ПРОЕКТОТ „ТОЈ И ТАА“ – ПРОБИТЕ СЕ ОНЛАЈН, А АКТЕРИТЕ САМИ СЕ СНИМААТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од денеска почнува со прикажувањето на својот интернет проект „Тој и таа“. Проектот се изведува така што пробите се прават онлајн, потоа актерите се снимаат себеси (најчесто со мобилен телефон) и на крајот со монтажа се обликува видеодијалогот. Приказната ја носат шест парови, чии меѓусебни односи се поврзуваат во единството на карантинската приказна.

Предвидени се 12 епизоди, кои театарот ќе ги поставува еднаш неделно, во ист термин (во 20 часот), на својата интернет страница www.teatarveles.mk.

Режијата на проектот е на Деан Дамјановски, драматургијата на Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата на Филип Коруновски. Во проектот учествуваат актерите Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.