11. МАКЕДОКС НАЈАВЕН ЗА АВГУСТ, ЗВУКОТ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Слеј се со тишината“ е мотото на 11. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, кое е предвидено да се одржи во Скопје од 19 до 26 август. Мотото е преземено од истоимената збирка поезија на Ацо Шопов од 1955 година, со дозвола на Фондацијата „Ацо Шопов“.

Од МакеДокс велат дека ова издание ќе биде посветено на звукот и тишината.

„Фокусот го ставаме на поезијата во филмот – дизајнот на звук. А, фестивалот, кој се покажа како жилав троскот, ќе го менува својот ритам, како и сите ние, во согласност со препораките за заштита на општото јавно здравје. Ви најавуваме дека по 11. пат ќе се видиме и ова лето, под мотото кое е идеално за реалниот или виртуелен Куршумли ан – слеј се со тишината“, најави Фестивалот преку својата Фејсбук страница.