ПРЕТСТАВАТА „БАКНАТИ ОД СОНЦЕТО“ ЗА ДЕНОТ НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мултимедијалниот перформанс „Бакнати од сонцето“ ќе се изведе вечерва во 19 часот во Мала станица, во чест на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Претставата е авторско дело на членовите на „Театар Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска, и на актерите – лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ во Скопје. Влезот е слободен.

Во перформансот, учесниците преку игра, танц и иновативно користење на проектирани видеоклипови ги презентираат своите погледи на светот, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себеизразување и кон потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.

Претставата „Бакнати од сонцето“ во септември се изведе на меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар, а од „Театар Пи“ и од „Порака“ најавуват нова креативна претстава.