ИЗДАВАЧОТ „БУНКЕР“ ГО ПРОМОВИРА ГРАФИЧКИОТ РОМАН „ОЛИМПИСКИОТ СОН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Графичкиот роман „Олимпискиот сон“ од Рајнхард Клајст, преведен на македонски и на албански јазик, во издание на „Бункер“, единствената специјализирана продавница за стрипови во Македонија, ќе биде промовиран утре во 19.30 часот во Клубот МКЦ.

Клајст е еден од најистакнатите германски стрип автори од поновата генерација. Роден е во 1970 година и зад себе има поголем број графички романи, издадени од најреномиранте издавачки куќи во Германија.

Добитник е на поголем број награди и e преведeн на голем број светски јазици, а во регионов, на српски, хрватски и на македонски јазик („Боксерот“, во издание на „Арс ламина“).

Преводот на македонски јазик е прво објавување на овој графички роман во регионот, во издание на „Бункер“

„Олимпискиот сон“, напишан во 2015 година, ја раскажува животната приказна на спринтерката од Сомалија, Самија Јусуф Омар, од заканите од екстремните исламисти во нејзината земја, преку учеството на Олимписките игри 2008 во Пекинг, до трагичната смрт, на брод преполн со мигранти, пред брегот на Малта, следејќи го својот сон – учество на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

„Се надевам дека оваа книга праведно ќе ја отслика Самија и дека нејзината приказна ќе ја подигне нашата свест за фактот дека зад вестите за бегалската криза стојат човечки судбини“, вели Клајст во предговорот на романот.

Романот ќе го промовираат професорот Кирил Темков и Васил Тупурковски, претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

„Олимпискиот сон“ досега е преведен на англиски, француски, арапски, кинески, словенечки и на чешки јазик. Преводот на македонски јазик е негово прво објавување во регионот.