„ТЕСЛА“ СТАНА НАЈВРЕДНАТА АВТОКОМПАНИЈА НА СВЕТОТ, НО СЀ УШТЕ ИМА МАЛА ПРОДАЖБА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Тесла“ ја надмина „Тојота“ и стана највредната автомобилска компанија на светот, откако нејзините акции достигнаа рекордна вредност.

Нивната цена вчера беше 1.134 долари, пред да падне, оставајќи ја компанијата со пазарна вредност од 209,47 милијарди долари. Тоа е за четири милијарди повеќе од моменталната вредност на „Тојота“. Сепак, „Тојота“ лани продала 30 пати повеќе автомобили и имала 10 пати поголеми приходи.

Вредноста на акциите на „Тесла“ драстично порасна од почетокот на 2020, откако инвеститорите почнаа да имаат поголема доверба во иднината на електричните автомобили.

„Тесла“ засега не може да се мери во продажбите со „Тојота“, која лани продала 10,46 милиони возила и остварила приход од 281,2 милијарди долари. „Тесла“ испорачала само 367.200 автомобили.