АВТОМОБИЛИТЕ НА „ТЕСЛА“ ЌЕ СТАНАТ ЦЕЛОСНО АВТОНОМНИ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, ВЕЛИ ИЛОН МАСК

Сан Франциско, (Би-Би-Си)

„Тесла“ ќе може да ги направи своите автомобили целосно автономни до крајот на годината, најави основачот на компанијата Илон Маск.

„Веќе сме многу блиску до тоа да ги постигнеме основните барања на петтото ниво на автономија, за кое не е потребен никаков придонес од возачот“, вели Маск.

Актуелниот автопилот на „Тесла“ е од второ ниво и бара од возачот постојано да биде внимателен и подготвен да реагира, односно да ги држи рацете на воланот.

„Идно надградување на софтверот би можело да го активира петтото ниво на автономија во автомобилот. Крајно сум уверен дека петтото ниво на автономија, што во суштина значи целосна автономија, ќе се случи и тоа многу брзо. Мислам дека сме многу блиску до тоа и дека основната функционалност ќе биде довршена до крајот на годината. Остануваат некои мали проблеми“, кажа Маск.

Аналитичарите го опишуваат петтото ниво на автономно возење како свети грал на автомобилската индустрија.