ХОЛАНДИЈА ОТВОРИ ИЗЛОЖБА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ШТО БЕШЕ ОДЛОЖЕНА ПОРАДИ ЗАРАЗНА БОЛЕСТ

Лајден, (АП)

Музеј во холандскиот град Лајден отвори изложба за заразни болести низ историјата, по повеќемесечно одложување токму поради заразна болест, односно пандемијата на коронавирусот.

Изложбата „Заразно!“ ја отвори холандскиот крал Вилем-Александер, кој во март се изолираше заедно со сопругата и трите ќерки како превентивна мерка по враќањето од скијање во Австрија.

На подот во музејот има обележани места каде можат да стојат посетителите, што не е дел од поставката, која, пак, до последен момент се подготвуваше за да вклучи и референци за ковид-19. Претставени се и заразни болести како чума и сида.

Дел од поставката се статуи облечени во заштитна облека од времето на чумата, но и лекар од денешнината со сина наметка, пластични ракавици и заштитна маска.