„ЕРБАС“ ЌЕ ГО ГРАДИ ПРВИОТ МЕЃУПЛАНЕТАРЕН ТОВАРЕН БРОД КОЈ ЌЕ ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ КАМЕЊА ОД МАРС

Париз, (Би-Би-Си)

„Ербас“ ќе гради огромен сателит чија задача ќе биде да донесе камења од Марс на Земјата.

Материјалот ќе биде ископан од следниот ровер на НАСА, „Персеверенс“, пред да биде исфрлен во орбитата со ракета. Сателитот на „Ербас“, опишан како прв меѓупланетарен товарен брод, потоа ќе собере примероци од камењата и ќе ги донесе на Земјата.

Заедничкиот американско-европски проект ќе чини милијарди долари и ќе се реализира за една деценија. Научниците сметаат дека ова е можеби најдобриот начин да се потврди дали некогаш имало живот на „црвената планета“.

„Ова ќе биде најсложената мисија на Марс досега. Сателитот на ‘Ербас‘ ќе биде како меѓупланетарен товарен брод, затоа што тој ќе го прави токму тоа. Тој ќе биде дизајниран да превезе товар од Марс на Земја“, вели Дејвид Паркер, директорот за роботски и човечки истражувања во Европската вселенска агенција.

Earth Return Orbiter ќе тежи 6,5 тони и треба да биде лансиран во 2026 година. Тој ќе користи мешавина од хемиска и електрична пропулзија за своето патување. 

Сепак, целата мисија почнува со лансирањето на „Персеверенс“, што треба да се случи утре.