СЕЗОНА Е НА ЛАНСИРАЊЕ МИСИИ НА МАРС – ЌЕ СЕ БАРА ВОНЗЕМСКИ ЖИВОТ И ЌЕ СЕ ИЗВЕДЕ ПРВ ЛЕТ СО ХЕЛИКОПТЕР

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

Сезона е на лансирање мисии кон Марс. Обединетите Арапски Емирати го направија тоа на 20 јули, Кина три дена подоцна, а денеска и САД.

Не станува збор за некаков меѓусебен натпревар, туку сега се идеални услови за тоа. Според НАСА, можноста да се лета од Земја кон Марс се отвора само еднаш во 26 месеци, кога двете планети се на истата страна од Сонцето и најмногу се доближени.

„Персеверенс“ во себе носи и мал хеликоптер кој треба да го изведе првиот лет на Марс

Ова е прва мисија на НАСА по повеќе од 40 години чија основна цел е потрага по траги на древен микропски живот, ако воопшто постоел. Роверот „Персеверенс“ речиси една марсовска година (наши 687 денови) ќе го истражува 49 километри широкиот кратер Езеро, за кој се верува дека пред 3,5 милијарди години бил токму тоа – езеро. Научниците исто така сметаат дека во езерото можеби живееле микроби.

Метеоритот наречен Сајх ал Ухајмир се враќа дома на Марс по 600.000 години (Фото: НАСА)

Покрај научни инструменти, камери и ласери, „Персеверенс“ во себе носи и хеликоптер од 1,8 килограми, кој треба да го изведе првиот лет во тенката атмосфера на Марс и ќе може да направи колор фотографии.

„Персеверенс“ го чека пат од речиси 480 милиони километри и неговото слетување треба да се случи во февруари. Тој превезува и мало парче Марс, метеорит пронајден во пустина во Оман во 1999, за кој се претпоставува дека паднал на Земјата пред илјада години.